На денешното рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчо се осврна на дел од обвинетите со кои, според Обвинителството, соработувал при организирањето на киднапирањето и ликвидацијата.
Во својот исказ, Палевски рече дека првпат слушнал за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, дури откако го видел неговото име во обвинителниот акт. „Александар го запознав во обвинението. Немам никаква претходна поврзаност со него“, рече тој пред судот.
За Влатко Кешишев, Палевски даде опис како човек кој бил ангажиран во партијата, „патриотски расположен, политички неук, но стабилен и чесен Македонец кој ја сака Македонија“.
Кога станува збор за Велибор Манев, Палевски го нарече амбициозен, но и „алчен за пари“, и спомна неколку финансиски недоразбирања внатре во партијата, меѓу кои и позајмица од 1000 швајцарски франци од извесен Трајче Петрушев. „Имаше и агресивен испад, каде што морав да интервенирам за да не дојде до расправија и компромитација“, изјави Палевски.
Боре Видевски, пак, го опиша како скромен и дисциплиниран човек со кого комуницирал исклучиво во рамки на партиските активности. „Немавме контакт надвор од партијата“, додаде тој.
Судењето за двојното убиство влегува во завршна фаза, со директни сослушувања на обвинетите, кои треба да донесат повеќе светлина во еден од најшокантните случаи во поновата македонска историја.






