Иран соопшти дека во текот на ноќта извел напади со беспилотни летала врз стратешки цели на територијата на Израел, објави агенцијата „Франс прес“.
„Различни типови деструктивни дронови, способни за прецизно насочување, ги уништија стратешките позиции на ционистичкиот режим во Тел Авив и Хаифа“, изјави генерал Киумарс Хеидари, командант на иранските копнени сили.
Од израелската страна, воен претставник за Би-Би-Си потврди дека во најновиот бран напади биле истрелани околу 20 проектили. Според него, поголемиот дел биле успешно пресретнати, но неколку ракети успеале да ја пробијат противвоздушната одбрана и погодиле „отворени области“, без да се прецизираат дополнителни детали.





