Шпанија бара ЕУ да воведе ембарго на извоз на оружје за Израел
Министерот за надворешни работи на Шпанија, Хозе Мануел Албарес, повика Европската унија да воведе ембарго на извозот на оружје кон Израел додека трае воениот конфликт во Појасот Газа. Тој оцени дека ЕУ треба да демонстрира единство и решителност, слично како во однос на војната во Украина.
„Европската унија е најголем трговски партнер на Израел. Мораме да побараме од нашите европски партнери да ја прекинат продажбата на оружје за Израел додека трае овој конфликт“, изјави Албарес за Bloomberg TV.
Тој нагласи дека Унијата мора да биде доследна во својата надворешна политика и додаде дека е потребно продолжување на дијалогот со Иран за неговата нуклеарна програма. Воедно, изрази загриженост поради отсуството на знаци за деескалација меѓу Техеран и Тел Авив, пренесе агенцијата Ројтерс.






