Германија во моментов не размислува за испорака на далекуметни ракети „Таурус“ на Украина, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус на заеднички брифинг со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ме прашавте дали го разгледуваме тоа, мојот одговор е – не“, рече кратко Писториус, со што ја потврди досегашната воздржаност на Берлин околу ова прашање.
Иако Франција, Велика Британија и САД веќе ѝ испраќаат далекуметни ракети на Украина, Германија засега не се приклучува на таа поддршка. Канцеларот Фридрих Мерц претходно јавно ја поддржа испораката на „Таурус“, ракети со домет до 500 километри, но засега нема конкретна одлука.
Според информациите на германскиот таблоид Билд од 27 мај, германската влада сè уште не донела конечна одлука околу ова прашање. По состанокот со Мерц, претседателот Зеленски изјави дека разговорите за можен трансфер продолжуваат, но оти тој и канцеларот се согласиле оваа тема да не се коментира јавно.
Украина, во контекст на интензивираните руски напади, веќе подолго време бара напредно оружје за да ја зајакне својата одбрана и да ги задржи позициите на фронтот.






