Единствениот преживеан патник од трагичниот авионски пад на летот на Air India во индискиот град Ахмедабад, британскиот државјанин Вишваш Кумар Рамеш, се наоѓа на болничко лекување и е во стабилна состојба, потврди шефот на локалната полиција Г.С. Малик.
Според индиските медиуми, Рамеш седел на седиштето 11А и по несреќата ја покажал својата бордна карта со видливо име и број на седиште. Во изјава за медиумите, тој ја опиша драматичната несреќа:
„Триесет секунди по полетувањето, се слушна гласна експлозија, а потоа авионот се сруши. Сѐ се случи толку брзо.“
Авион од типот Boeing 787-8 Dreamliner, со 242 лица на бордот, меѓу кои двајца пилоти и 10 членови на екипажот, се урна во стамбена зона веднаш по полетувањето. Според властите, најголем дел од патниците загинале на самото место или подоцна во болница. Меѓу загинатите се 169 индиски државјани, 53 британски, еден канадски и седум португалски државјани.
Контактот со контролата на летање бил изгубен неколку секунди откако авионот достигнал висина од 190 метри. Спасувачките екипи и понатаму трагаат по исчезнати лица, а десетици студенти се хоспитализирани. Истражната постапка е во тек.






