Франција најавува забрана за социјалните мрежи за деца под 15 години и построги правила за продажба на ладно оружје
Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Франција ќе воведе забрана за пристап до социјалните мрежи за деца под 15-годишна возраст, како и заострување на законите за продажба на ладно оружје на малолетници. Мерките се дел од одговорот на државата на сè почестите случаи на насилство меѓу младите.
„Мора да ги забраниме социјалните мрежи за деца под 15 години. Си даваме неколку месеци да постигнеме европски договор, но доколку тоа не се случи, Франција ќе дејствува самостојно. Повеќе нема време за чекање“, изјави Макрон во гостување на француската телевизија „France 2“.
Претседателот најави и построги прописи за продажба на ладно оружје, вклучувајќи целосна забрана за онлајн продажба на такви предмети на малолетни лица.
„Ќе ги заостриме законите, ќе воведеме високи финансиски казни и забрани. Петнаесетгодишници повеќе нема да можат да купуваат ножеви преку интернет“, потенцираше Макрон.
И францускиот премиер Франсоа Бајру се приклучи на најавите, истакнувајќи преку објава на социјалните мрежи дека продажбата и носењето ладно оружје ќе биде прогласено за „јавен непријател“, порачувајќи дека Владата ќе преземе решителни мерки.
Потсетување, уште во април поранешниот премиер Габриел Атал предложи слични ограничувања – меѓу нив и рестрикции за користење социјални мрежи за лица под 15 години и воведување ноќен дигитален „полициски час“ за тинејџери, како дел од стратегијата за борба против дигиталната зависност.
Новите владини мерки доаѓаат по сериозен инцидент во училиште во Ножан, на североистокот од Франција, каде што петнаесетгодишен ученик нападна наставничка со нож и рани полициски службеник за време на рутинска проверка на ученичка торба. Парадоксално, ученикот бил вклучен во училишен проект за спречување на врсничко насилство.






