Десетици израелски војници јавно соопштија дека одбиваат да продолжат со воената служба поради, како што велат, „геноцидната кампања“ што Израел ја спроведува во Појасот Газа – не заради безбедноста на државата, туку заради политичкиот опстанок на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Група од 41 војник, најголем дел од нив припадници на израелските разузнавачки и сајбер единици, потпишаа отворено писмо адресирано до премиерот Нетанјаху, министерот за одбрана Исраел Катц, началникот на Генералштабот Ејал Замир и други високи функционери. Под името „Војници за заложници“, тие изразија недвосмислено противење на натамошно учество во офанзивата, оценувајќи ја како политичка одлука, а не безбедносна мерка.
Во писмото се наведува дека актуелната офанзива нема за цел да ги заштити израелските граѓани ниту да ги спаси заложниците, туку да го зачува политичкиот легитимитет на владината коалиција. Некои од војниците најавиле јавни протести, додека други ќе прибегнат кон тивка форма на отпор, позната како „сива зона“.
Во почетокот на јуни, началникот на Генералштабот, Ејал Замир, нареди проширување на копнената офанзива на северот и југот од Газа, и покрај драматичното влошување на хуманитарната состојба во регионот. Официјалната цел на операцијата останува ослободување на заложниците и неутрализирање на Хамас, кој сè уште држи околу 56 израелски граѓани, од кои 20 се водат како живи.
Според податоци на израелски и палестински организации за човекови права, во израелските затвори се наоѓаат над 10.100 Палестинци, многумина од нив задржани во тешки услови, со извештаи за мачење и занемарување на основните човекови потреби.
Хамас неколкупати понуди размена – ослободување на заложниците во замена за прекин на огнот, повлекување на израелската армија од Газа и ослободување палестински затвореници – но премиерот Нетанјаху ги одби овие иницијативи, инсистирајќи на целосно разоружување на палестинските групи и враќање на израелската контрола врз територијата.
Израелската опозиција и семејствата на заробените Израелци го обвинуваат премиерот дека намерно го продолжува конфликтот за да ја задржи поддршката од крајната десница и да остане на власт.
Од октомври 2023 година, израелските сили спроведуваат интензивна офанзива во Газа, во која досега, според проценки, загинале речиси 55.000 Палестинци, главно цивили, жени и деца. Меѓународниот кривичен суд веќе издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана поради сомнежи за извршени воени злосторства, додека Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.







