Во најновите руски напади врз Харков, вториот по големина град во Украина, загинаа две лица, а најмалку 60 се повредени, соопштија украинските власти.
Според информациите на регионалната полиција, во нападите животите ги загубиле една жена и еден маж, додека меѓу повредените има и девет деца.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека градот бил цел на дури 17 напади со беспилотни летала во текот на ноќта. Харков се наоѓа на помалку од 50 километри од руската граница, што го прави чест таргет на руската артилерија и дронови.
Освен Харков, руските напади беа забележани и во други делови на земјата. Во Запорошката област биле повредени две лица, додека едно лице е рането во Херсон. Локалните власти потврдија дека има оштетени објекти и во Одеската област.
Од другата страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле пресретнати 32 украински дрона над територијата на Русија.
Само еден ден претходно, три лица загинаа во нападите врз Киев и Одеса. Во меѓувреме, Русија и Украина ја завршија втората фаза од големата размена на воени заробеници – досега единствениот конкретен напредок од последната рунда мировни преговори што се одржаа во Истанбул.







