Се продлабочува кризата во германската индустрија: За една година изгубени 100.000 работни места
Германската индустрија се соочува со сериозна економска криза – само во изминатата година, секторот изгубил повеќе од 100.000 работни места, покажува анализа на ревизорската и консултантска компанија Ernst & Young (EY).
Најпогодена е автомобилската индустрија, каде што се отпуштени околу 45.400 вработени, додека вкупниот број на индустриски работници до крајот на првиот квартал се намалил на 5,46 милиони, што е пад од 1,8% во однос на истиот период минатата година.
Во споредба со 2019 година – последната стабилна година пред пандемијата – германската индустрија има 217.000 помалку вработени, што претставува намалување од 3,8%, по рекордната бројка од 5,7 милиони вработени во 2018 година.
Причини: Надворешна конкуренција, слаба побарувачка, високи трошоци
Според Јан Брорхилкер, управен директор на EY, индустриските компании се под зголемен притисок:
„Се соочуваат со агресивна конкуренција – особено од Кина, каде цените постојано паѓаат. Клучните извозни пазари слабеат, европската побарувачка стагнира, а на американскиот пазар владее голема неизвесност.“
Дополнително, компаниите се борат со високи трошоци за енергија, работна сила и суровини, што дополнително ја загрозува нивната одржливост.
Неизвесна иднина: Нови отпуштања на хоризонтот
EY предупредува дека трендот на отпуштања ќе продолжи. До крајот на 2025 година се очекува да бидат изгубени најмалку уште 70.000 работни места, особено во машинската и автомобилската индустрија, каде се спроведуваат програми за драстично намалување на трошоците.
Иако германската индустрија традиционално покажува висока отпорност, според Брорхилкер, потребна е системска поддршка:
„За да се зајакне индустријата, потребно е намалување на трошоците, поедноставување на бирократијата и стимулирање на домашната побарувачка. Еден обемен државен инвестициски пакет би можел да обезбеди неопходен поттик.“
Апел од индустријата: Германија губи на конкурентност
Германското здружение на автомобилската индустрија (VDA) ја предупредува Владата дека дел од одговорноста лежи врз нејзините политики. Претседателката на VDA, Хилдегард Милер, вели:
„Конкурентноста на Германија како индустриска локација е значително намалена. Затоа е клучно таа повторно да стане централна вредност и водечки принцип на економските политики на федералната влада.“






