Во Соединетите Американски Држави се соочуваат со сериозен недостиг на јајца, што довело до тоа локалните трговци да почнат да ги увезуваат овие производи од Турција. Според информации од Централното здружение на производители на јајца на Турција, се планира дека годинава ќе бидат извезени рекордни 420 милиони јајца во САД.
Недостигот на јајца во САД се должи на птичјиот грип, кој од 2022 година предизвика смрт на 140 милиони птици. Само во ноември и декември минатата година, 17 милиони птици загинаа. Во последните податоци, цената на табла со 10 јајца е 4,95 долари, а некои големи синџири како „Costco“ и „Trader Joe’s“ воведоа ограничувања за продажба по клиент. Со оваа цена, едно јајце во САД чини 29 македонски денари.
Според прогнозите на Американското Министерство за земјоделство, цените на јајцата се очекува да пораснат дополнително за 20% оваа година, по веќе забележаниот пораст од 15,2% во јануари. САД обично произведуваат повеќе од 1,75 милијарди јајца годишно, но оваа бројка продолжува да се намалува поради птичјиот грип.
Турција, која е петти најголем извозник на јајца во светот, минатата година извезла јајца во вредност од 411 милиони долари. Оваа година се очекува извозот во САД да достигне 37 милиони долари, што е шест пати повеќе од извозот на јајца во САД минатата година.






