Александар Нацев осомничен за трагедијата во „Пулс“ – обвинителството го смета за реален сопственик на фирмата за обезбедување
Обвинителството го прошири предметот за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени, со нов осомничен – Александар Нацев. Тој, според истрагата, се смета за реален сопственик и одговорно лице во агенцијата за обезбедување која работела во објектот без законски основ и без соодветни безбедносни протоколи.
По судска наредба, извршени се претреси на две локации во Скопје и Пробиштип, при што е одземена обемна документација и електронски уреди. Лицето е лишено од слобода, а Обвинителството најави дека до Основниот кривичен суд во Кочани ќе поднесе предлог за определување мерка притвор.
„Без да имаат склучен договор со дискотеката ‘Кабаре ПУЛС’ во Кочани, во текот на 2025 година незаконски вршеле обезбедување. Осомничениот активно раководел со работата на терен, спротивно на Законот за приватно обезбедување – без безбедносна проценка, план за евакуација и без проценка за ризик од пожар. Во критичната вечер не го контролирале влезот, дозволиле присуство на малолетни лица, пренатрупаност на објектот и внес на пиротехника од страна на музичкиот состав, што директно довело до пожарот“, соопштија од Обвинителството.
Според официјалните податоци, во трагедијата животот го загубија 62 лица, 157 беа тешко повредени, а 54 со полесни телесни повреди.
Политичко минато и јавни функции
Александар Нацев потекнува од Пробиштип и во минатото вршел значајни државни и политички функции. Во периодот од 2015 до 2017 година бил директор на Дирекцијата за заштита на класифицирани информации, во време кога премиер беше Никола Груевски. Нацев долго време беше активен како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Денес ја извршува функцијата извршен директор на Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ) и е професор на Факултетот за државна безбедност.







