Претседателот на САД, Доналд Трамп, не се откажува од конфликтот со Илон Маск и денеска изјави дека нема намера да го поправи односот со поранешниот сојузник и финансиски поддржувач. Трамп го предупреди Маск дека би можел да се соочи со „сериозни последици“ доколку се обиде да им помогне на демократите на претстојните избори.
Во телефонски интервју за американската телевизиска мрежа NBC, Трамп рече дека не планира да воспостави мир со Маск.
На прашањето дали смета дека нивниот однос е завршен, Трамп одговори дека претпоставува дека е така.
„Претерано сум зафатен со други работи. Победив на изборите со голема предност. Му дадов многу простор, многу пред да се случи ова. Му обезбедив поддршка во мојата прва администрација и му спасив живот. Немам намера да разговарам со него“, изјави Трамп.
Тој додаде дека Маск може да ги поддржи демократските кандидати за Конгресот на изборите во 2026 година, кои традиционално се одржуваат на половина од мандатот на американскиот претседател.
„Ако го направи тоа, ќе мора да сноси последици“, предупреди Трамп, но не прецизираше какви.
Компаниите на Маск имаат многу профитабилни федерални договори, па агенцијата AP проценува дека од изјавите на Трамп може да се заклучи дека Маск од блискиот сојузник станува потенцијална мета.
Познато е дека Трамп често ги користи своите овластувања за пресметки со критичарите и оние што ги гледа како непријатели.
Компаниите на Маск можат да бидат цел на евентуална одмазда, а претседателот веќе се закани дека ќе ги раскине некои договори поради јавното ривалство и препукувањето преку социјалните мрежи.
Инаку, Маск денес избриша неколку навредливи коментари што ги објави на својата платформа X (поранешен Твитер), меѓу кои и оној каде го поврзува Трамп со сексуалниот предатор Џефри Епстајн.







