Шокантниот украински напад на руската флота на стратешки бомбардери предизвика аларм во Пентагон и отвори сериозни прашања за безбедноста на американските воздухопловни бази – и дома и во странство. Американските генерали и аналитичари сега отворено зборуваат за ранливостите на најскапите и најмоќни летала во арсеналот на САД.
„Ова е момент што буди сериозна загриженост“, изјави генерал Дејвид Олвин, началник на генералштабот на американското воено воздухопловство, на конференција за одбрана во Вашингтон. Според него, дури ни континенталната Америка не е безбедна: „Нашите бази дома се суштински неутврдени.“
Нападот, за кој Украина тврди дека резултирал со уништување или оштетување на 41 руски авион – меѓу кои и стратешки бомбардери и извидувачки авиони – бил изведен со дронови скриени во дрвени мобилни куќички, прошверцувани до близина на четири руски воздушни бази. Кога се приближиле, покривите се отвориле и дроновите нападнале, погодувајќи авиони вредни наводно околу седум милијарди долари.
Американските аналитичари веднаш ја повлекоа паралелата – американските авиони, како и руските, често стојат отворени на пистите, без засолништа кои би ги заштитиле од сличен напад. Според поранешниот генерал Стенли МекКристал, САД се „опасно ранливи“ кога станува збор за имот од висока вредност во воздухопловните бази.
„Ф-47 е неверојатен авион, но ќе загине на земја ако не го заштитиме“, предупреди Олвин, алудирајќи на новиот борбен авион што неодамна го најави претседателот Доналд Трамп.
Во прашање е и буџетот: дали да се инвестира во офанзивно оружје или во одбрана на базите? Ојачани хангари не се спектакуларни и не го привлекуваат вниманието како новите бомбардери Б-21 или Ф-47, но аналитичарите предупредуваат дека без нив, најскапите авиони би можеле да станат лесна цел.
Симулации и анализи покажуваат дека огромен дел од американските загуби во евентуален конфликт – особено со Кина – би се случиле на тлото, уште пред авионите да полетаат. Воздушната база Андерсон на Гуам, каде се сместуваат Б-1, Б-2 и Б-52, е една од базите која сè уште нема соодветни засолништа.
САД сега се соочуваат со ново безбедносно прашање: дали ќе најдат средства и политичка волја да ги заштитат своите највредни стратешки ресурси пред да стане предоцна?







