Додека светот се соочува со рекордни температури, изумирање на видови и климатска неактивност од страна на владите, поранешниот гувернер на Калифорнија и легендарен „Терминатор“, Арнолд Шварценегер, испрати директна и несентиментална порака до екологистите: „Престанете да кукате“. Настапувајќи прво на климатскиот самит во Виена, а потоа и во интервју за BBC, Шварценегер упати „мотивациски шамар“ кон еколошкото движење, повикувајќи на лична одговорност и дејствување, наместо на жалење и чекање политички решенија.
„Светот нема да го спасат закони или наука, туку волја, труд и лична решителност“, изјави тој, оставајќи впечаток на морален авторитет во мускулеста амбалажа. „Не можете само да седите и да измислувате изговори затоа што некој во Белата куќа не се согласува со вас.“
Иако одамна е во јавен конфликт со Доналд Трамп, особено поради климатските политики и излегувањето од Парискиот договор, Шварценегер овој пат одлучи да не именува, туку да ги упати критиките кон сите – активисти, научници, политичари и обични граѓани кои, според него, премногу се жалат, а премалку прават.
„Мислите дека целата акција треба да дојде од Вашингтон? Не. Сите имаме одговорност. Мораме да бидеме свесни за пречките, но не и да ги користиме како изговор“, рече тој, потсетувајќи на моментот кога Калифорнија, под негово водство, ја тужеше федералната влада заради блокирање на построги стандарди за емисии.
„Не морате да сте претседател за да бидете херој“, додаде Шварценегер. „Само треба да станете од стол и да почнете.“
Иако многумина го поздравуваат неговиот повик за активизам, критичарите предупредуваат дека ваквиот пристап ја игнорира реалноста – борбата за животна средина не е само прашање на волја, туку и на системски промени, ресурси и справување со моќни економски интереси. „Цвилењето“, велат тие, е често предуслов за акција, не нејзина спротивност.






