Четири лица го загубија животот во трагичен пожар кој изби рано вчера во десеткатница во градот Ремс, на североистокот на Франција. Според информациите од истрагата, пожарот најверојатно започнал од електричен тротинет кој се запалил од засега непознати причини.
Меѓу жртвите се 13-годишно момче кое скокнало од стан на четврти кат и починало на лице место, како и неговиот 15-годишен брат, чиј изгорен труп бил пронајден во истиот стан, потврди обвинителот Франсоа Шнајдер. Во пожарот животот го загубиле и 87-годишна жена и нејзиниот 59-годишен син кои живееле на осми кат – тие се задушиле од чадот.
Две лица се тешко повредени, меѓу кои и очувот на двете загинати деца, кој е со сериозни изгореници. Вкупно 26 лица добиле лекарска помош поради полесни повреди и вдишување чад.
Обвинителот Шнајдер изјави дека нема сомневање оти пожарот бил несреќен случај и укажа на фактот дека батериите од електричните тротинети се многу тешки за гаснење откако еднаш ќе се запалат. Пожарникарите се бореле со огнената стихија повеќе од три часа.







