Постигнувањето на примирје во Украина е можно само ако земјата добие масовна воена помош, изјави францускиот генерал и советник за одбрана Николас Ришу за украинскиот медиум „Укринформ“. Според него, рускиот претседател Владимир Путин нема намера да запре сè додека не ги освои сите украински региони кои Москва ги има анектирано и ги смета за дел од територијата на Руската Федерација.
„Се сомневам дека Путин ќе се повлече пред да ги оствари своите цели. Освојувањето на анектираните региони е негов краткорочен план, но долгорочно, тој би можел да ја посакува цела Украина“, предупреди Ришу. Тој додаде дека иницијалните руски барања за примирје, кои подразбираат предавање на украински територии, покажуваат целосна неподготвеност за вистински преговори.
Генералот нагласи дека вистинско примирје нема да биде можно без масовна поддршка од Западот, особено од САД. „Санкциите се важни, но се спориот отров. Војната бара брзи одлуки, оружје, логистика и луѓе. Само силна и брза воена поддршка, без ограничувања, може да го натера Путин да седне на маса за преговори“, изјави Ришу.
Тој посочи и дека иднината на конфликтот ќе зависи од тоа дали Америка, а особено Доналд Трамп, ќе се одлучат на решителна интервенција. Европа, вели тој, се подготвува, но премногу бавно и некоординирано.







