Контурите за почеток на најголемиот инфраструктурен проект во регионот – брзата пруга од Табановце до Гевгелија – веќе се надзираат, информираат од ВМРО-ДПМНЕ. Во вторник ќе се формира координативно тело, а паралелно ќе започне постапката за обезбедување финансиски средства за реализација на проектот, кој е проценет на сума од 1,7 до 2 милијарди евра.
Според најавите, ова ќе биде најголемиот поединечен проект во историјата на македонската инфраструктура. Брзата железничка линија ќе биде придружена со нови возови, модерни локомотиви, целосно реконструирана железничка станица во Скопје и освежени станици низ целата земја.
Патничкиот сообраќај ќе се одвива со брзина до 160 километри на час, а товарниот до 120. Тоа ќе овозможи патување до Солун за околу еден и пол час, а до Виена за четири до пет часа.
Проектот ќе се реализира под надзор на британски и европски стандарди, што, според најавите, значително ќе ја зголеми безбедноста во железничкиот транспорт.
Постоечката траса од 235 километри ќе се скрати на околу 200 километри, со цел да се овозможи побрз влез и излез од државата. Оваа железничка артерија, како што посочуваат од владејачката партија, конечно ќе овозможи Македонија да ја искористи својата поволна геостратешка позиција и да стане важна точка на европската карго-мрежа.
Според првичните проекции, товарниот транспорт по новата пруга би носел приходи од 100 до 120 милиони евра годишно.
„Со развојот на железничката и патната инфраструктура се создаваат реални можности за поврзување и подобар животен стандард за граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.






