Поранешниот висок функционер Артан Груби сподели роденденски честитки од блиски пријатели и роднини, во својата прва јавна активност по неколкумесечното исчезнување. И покрај објавата, Груби не откри каде се наоѓа, ниту кога би можел да се врати во земјава.
Груби на 15 декември 2024 година ја напушти Македонија во рамки на т.н. „приватна посета“, но неговото подоцнежно отсуство прерасна во сомнително бегство. Министерството за внатрешни работи официјално го стави на меѓународна потерница, додека Обвинителството сè уште не излезе со конкретни детали за неговата локација или статус.
Според неофицијални информации, постои сомневање дека Груби се крие во Албанија.
Објавата со роденденски честитки, иако не содржи никакви изјави или објаснувања, повторно го актуелизира прашањето за одговорноста и потрагата по Груби, кој до своето исчезнување беше една од највлијателните личности во албанскиот политички блок во Македонија.
Јавноста и натаму останува без одговор на прашањето: каде е Артан Груби?






