Украинските воздухопловни сили соопштија дека утрово собориле руски авион Су-35 над Курската област во Русија. Со овој чин, според украинскиот Генералштаб, бројот на уништени руски летала од почетокот на инвазијата се искачи на 414.
Според „Kyiv Independent“, снимка од соборениот авион е веќе објавена. Овој настан следува по почетокот на украинската прекугранична офанзива во август 2024 година, првата таква инвазија на руска територија од Втората светска војна. Иако Русија со поддршка од севернокорејски трупи во март започна контраофанзива и поврати голем дел од територијата, Украина продолжува со активни операции во длабочината на руската територија.
Обарањето на Су-35 доаѓа по лансирањето на специјалната операција „Пајажина“ на 1 јуни, спроведена од украинската служба за безбедност (СБУ). Во рамки на оваа операција, Украина тврди дека погодила 42 руски бомбардери и други летала, предизвикувајќи штета од околу 6 милијарди евра и оневозможувајќи над една третина од руската стратегиска флота.
СБУ информираше дека 117 дронови, лансирани од прикриени локации низ Русија, истовремено нападнале воени аеродроми во најмалку четири региони, вклучително и бази илјадници километри оддалечени од украинската граница. Цел на нападите биле аеродроми каде се распоредени стратешките бомбардери Ту-95 и Ту-22М3, кои Русија ги користи за напади со крстосувачки ракети врз украински градови.
Су-35 е повеќенаменски ловец од генерација 4++, развиен како модернизирана верзија на Су-27. Во рускиот арсенал е од 2009 година, додека верзијата Су-35С е целосно оперативна од 2018. Со брзина до 2.500 км/ч и борбен радиус од 2.000 км, авионот има задача да обезбеди воздушна надмоќ и да изведува напади на копнени и поморски цели. Неговата цена се проценува на околу 40 милиони евра по примерок.
До крајот на 2022 година Русија имала околу 110 Су-35С, а до јуни 2025 таа бројка пораснала на 130–140 оперативни единици. Сепак, и покрај амбициозните планови за проширување на флотата, руската индустрија се соочува со сериозни логистички и производствени предизвици.







