Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, стана цел на силен притисок и закани од бугарски политички кругови, откако одби да попушти пред нивните барања за измена на извештајот за напредокот на Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Според изјавите на Вајц за „Политико“, бугарскиот политички притисок кулминирал со закани, клеветнички кампањи и објавување на неговиот личен телефон на екстремно десничарски профили.
Причина за тензиите се четири амандмани во извештајот, со кои се нагласува македонскиот јазик и идентитет – ставови што Бугарија остро ги оспорува. Иако беше постигната прелиминарна согласност меѓу главните политички групи во ЕП, гласањето за извештајот беше одложено до крајот на јуни, по интервенции од бугарски пратеници и директна вклученост на бугарскиот премиер, кој наводно извршил притисок врз претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Сите 17 бугарски европратеници испратија заедничко писмо во кое го обвинија Вајц за пристрасност, недоволна транспарентност и преголема соработка со македонската влада, иако тој и неговата канцеларија ги отфрлија ваквите тврдења. Според Вајц, неговиот ангажман е во рамките на стандардната практика да се среќава со претставници од земјата за која се пишува извештајот, а не од соседни земји.
Интересно е што под бугарски притисок Европската народна партија (ЕПП), каде што членува и ВМРО-ДПМНЕ, се повлече од поддршката за извештајот и бараше темата да се врати во Комитетот за надворешни работи. Во меѓувреме, политичките групи каде што членуваат СДСМ и ЛДП останаа на ставот дека извештајот треба да биде изгласан во согласност со европските принципи.
Извештајот, и покрај отворениот судир, содржи делови во кои се нагласува потребата од заштита на бугарското малцинство во Македонија, што го побива тврдењето дека Вајц го игнорирал тој аспект. Сепак, клучниот конфликт се однесува на инсистирањето на бугарската страна да се релативизира македонскиот идентитет во европскиот документ.
Сега се поставува прашањето дали извештајот ќе биде ставен на гласање на 24 јуни. Случајот ги отвора пошироките прашања за влијанието на билатералните спорови во европските институции и ја става Македонија повторно во срцето на геополитичките тензии на Балканот.







