Попладневното невреме проследено со обилен дожд и град предизвика сериозни проблеми во Скопје. Центарот за управување со кризи (ЦУК) преку бројот за итни повици 112 добил повеќе пријави за поплавени улици, заглавени возила, паднати дрвја и нарушен сообраќај во различни делови од градот.
Една од најсериозно погодените локации е булеварот „Никола Карев“ кај Бит Пазар, каде што под Стоковна куќа Мост е пријавено приближно 50 сантиметри вода. Целиот булевар е непрооден, а повеќе возила се заглавени во поплавата.
Во населбата Бутел, на улицата „Петар Манџуков“, поплавени се улиците, а запушените шахти не овозможуваат одвод на водата. Исто така, на улицата „Кочо Битолјанов“, спроти „Алкалоид“, во близина на Скопска Пивара, паднало дрво што може да ги оштети електричните кабли.
Во Општина Карпош, на улицата „Рузвелтова“ кај продавницата Сетек, паднато дрво блокира три сообраќајни ленти, оставајќи проодна само една. Дополнително, на булеварот „Македонска Косовска Бригада“ во Чаир е пријавена поплавена улица, со неколку заглавени возила и поплавен парк во близина.
Во Општина Кисела Вода, на улицата „Народни Херои“ кај Мечкаров, пријавена е навалена бандера од уличното осветлување, што претставува дополнителен ризик.
ЦУК информира дека сите надлежни служби се известени и веќе се на терен за да ги отстранат последиците од невремето. Властите апелираат до граѓаните да бидат претпазливи и да избегнуваат движење низ критичните делови на градот.






