Поучени од грешките во минатото, родителите денеска започнаа со собирање на потписите во Државната изборна комисија.
Поправен испит или нова можност за родителите од групата “Учебници и настава мора да има” да ги соберат потребните потписи за покренување иницијатива за референдум за Законот за учебници откако претходно Собранието експресно го одби првичното барање со образложение дека истото било неуредно доставено. Поучени од грешките во минатото, родителите денеска започнаа со собирање на потписите во Државната изборна комисија по што предлогот повторно ќе биде доставен до законодавниот дом.
-Ги очекуваме граѓаните на Скопје во работно време до 16:30 да ги дадат потписите. Иницијални се потребни 100 потписи за поднесување на предлогот до Собранието а понатаму постапката следува граѓанската иницијатива 10.000 потписи. Во Скопје не се многу а за Битола имам информации дека веќе се собрани потребните потписи.- Ѓорѓи Димовски – координатор на иницијативата.
Од Министерството за образование и наука барањето за референдум го оценија како апсурдно бидејќи според нив не е оправдано блокирањето на напредокот и дигитализацијата со која треба да се модернизира образованието .
-Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот. Новиот Закон ќе ги донесе европските практики во нашите училишта а придобивките од истиот ќе стануваат достапни за учениците во следните 5 до 6 години. – Министерство за образование и наука.
Од Иницијативата за утре во 18 часот закажаа нови протести во повеќе градови низ Македонија, како и мирен марш во Скопје од каде повторно ќе ги презентираат своите ставови и барања за најавената дигитализација.
Прилог на Канал 5






