Максим Димитриевски ќе влезе во трка за трет градоначалнички мандат во Куманово. Ова денеска го потврди Игор Филков, претседавач на Централниот одбор на партијата ЗНАМ, на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за можен заеднички настап со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори.
„Преговорите се во тек, но она што можам сигурно да го потврдам е дека ние ќе имаме кандидат во градот Куманово – тоа е нашиот претседател Максим Димитриевски“, рече Филков. Тој најави дека ЗНАМ ќе има кандидати и за други општини низ државата, како и најмалку едно градоначалничко место во рамки на Град Скопје.
Покрај најавата за кандидатурата на Димитриевски, Филков ја соопшти и веста за официјалното формирање на Градската организација на ЗНАМ во Скопје. За нејзин претседател едногласно бил избран Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротрехника и информацииски технологии, кој во моментов ја извршува функцијата заменик-министер во Министерството за енергетика.
Филков истакна дека ова е дел од поширокиот процес на организациско јакнење и подготовки за претстојните локални избори.







