На периферијата на Москва е пронајден мртов 50-годишниот Александар Тјунин, генерален директор на НПК „Химпроминжиниринг“, подружница на државниот нуклеарен гигант „Росатом“. Телото лежело до автомобилот, а покрај него биле пронајдени ловџиска пушка и проштално писмо.
Според „Москва Тајмс“, Тјунин во писмото навел дека долготрајната депресија го натерала на ваков чин. Руски државни медиуми веднаш го прогласија случајот за самоубиство, иако смртта се надоврзува на серија необјаснети загуби на високи менаџери од енергетскиот и индустрискиот сектор по почетокот на војната во Украина.
Тјунин ја водеше компанијата од 2016 година, надгледувајќи развој на јаглеродни композити, а фирмата беше споена со „Уматекс“, дел од „Росатом“ кој минатата година влезе под американски санкции. Тој е веќе 20-ти висок руски раководител кој загина под сомнителни околности од февруари 2022.
Последните случаи – обезглавувањето на Алексеј Синицин во Калининград и ненадејната смрт на претседателот на „Уралкали“ Дмитриј Осипов – дополнително ги продлабочија сомнежите.







