Сомнителен пакет со непозната супстанца бил пронајден денеска во дистрибутивниот центар на логистичката компанија DHL во Лангенцен, во близина на Нирнберг, при што најмалку 12 лица пријавиле здравствени проблеми, соопшти германската полиција.
Седуммина од повредените се префрлени во болница, додека надлежните не исклучуваат можност бројот на лица со симптоми да продолжи да расте. Информациите ги пренесува германскиот весник Tages-Anzeiger.
Полицијата соопшти дека во сомнителниот пакет имало непозната течна супстанца која протекла, предизвикувајќи реакции кај дел од вработените. На местото на настанот веднаш интервенирале противпожарните единици, специјализиран тим за опасни материи, како и полициски служби.
Објектот бил евакуиран како мерка на претпазливост, а пожарникарите поставиле деконтаминационен туш за перење на потенцијално штетните материи.
„Во моментот на инцидентот, во зградата се наоѓаа 35 лица. Нема опасност за пошироката јавност“, изјави портпаролката на полицијата.
Причината за инцидентот сè уште се утврдува, а истрагата е во тек.






