Американските медиуми, меѓу кои и Politico, пренесуваат дека Белата куќа за денеска закажала телефонски разговор помеѓу претседателот Доналд Трамп и милијардерот Илон Маск, по ескалацијата на јавниот конфликт меѓу двајцата поранешни сојузници.
Разговорот доаѓа по денови на взаемни навреди и обвинувања, најмногу преку социјалните мрежи – платформата X на Маск и Truth Social на Трамп. Маск тврдеше дека без неговата поддршка Трамп немаше да победи на претходните избори, објави дека името на Трамп се појавува во документи поврзани со Џефри Епстин, и повика на негов опозив.
Трамп возврати остро, нарекувајќи го Маск „луд“, и побара укинување на државната помош за неговите компании.
Како директна последица на тензиите, акциите на „Тесла“ паднаа за 14%, односно за 150 милијарди долари пазарна вредност во еден ден – најголем пад во историјата на компанијата. Маск е еден од најголемите финансиери на Трамповата кампања и имаше советничка улога во неговата администрација, како и водечка позиција во агенцијата DOGE за намалување на јавната потрошувачка.
Серијата напади започна откако Маск јавно го критикуваше новиот републикански закон за даноци и државни издвојувања, за кој смета дека ќе го зголеми американскиот јавен долг.
Останува да се види дали денешниот телефонски разговор ќе успее да ја намали тензијата меѓу двајцата моќници или ќе предизвика уште поголеми политички и економски последици.






