Во новиот масовен напад врз Украина, Русија ноќеска лансираше повеќе од 400 дронови и 40 ракети, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во нападот загинале најмалку три лица, додека 49 се повредени. Властите предупредуваат дека бројот на жртви може да расте.
Според Зеленски, жртвите се припадници на спасувачките служби. „Три спасители го загубија животот. Русија ja нападна речиси целата украинска територија. Ова не е ништо ново – од првиот ден на војната горат градови и села, се уништуваат човечки животи“, изјави тој.
Ескалација по напади во внатрешноста на Русија
Нападите доаѓаат откако, според информации од западни медиуми, Москва испратила предупредување преку американскиот претседател Доналд Трамп, дека ќе следува одмазда за претходните украински удари со дронови врз руски воени бази, при што беа уништени неколку стратешки бомбардери длабоко во територијата на Русија.
„Русија мора да сноси одговорност за ова. Потребно е зголемување на меѓународниот притисок. Мораме да делуваме решително“, истакна Зеленски, повторувајќи го повикот за поддршка од меѓународната заедница.
Нападите продолжуваат во услови на зголемена нестабилност и интензивирање на конфликтот, додека Украинците се подготвуваат за нова фаза од борбите и очекуваат дополнителна воена и политичка поддршка од Западот.







