Американскиот претседател Доналд Трамп го именуваше 22-годишниот Томас Фугејт за директор на Центарот за превенција од тероризам при Министерството за домашна безбедност на САД – одлука која предизвика бројни реакции поради неговото речиси непостоечко искуство во оваа чувствителна област, пренесува Dnevnik.hr.
Фугејт дипломирал пред една година на Универзитетот во Тексас, Сан Антонио, а до август 2023 година работел во локална продавница. Пред пет години се опишувал како самовработен „владетел на пејсажен бизнис“, односно градинар. Во описот на неговиот профил на LinkedIn стои дека за време на студиите по политика и право извршувал различни задачи во сите оддели на продавницата каде работел.
Политички ангажман и брз подем
По завршувањето на факултетот, Фугејт започнал да се вклучува во конзервативните политички кругови. Работел како дел од тимот во претседателската кампања на Трамп во 2024 година, а бил и приправник во влијателната конзервативна фондација Heritage Foundation, позната по проектот „Project 2025“.
Исто така, стекнал искуство и како соработник на републиканските пратеници од Тексас, Тери Вилсон и Стив Алисoн. Според истражувачката организација ProPublica, во февруари годинава бил ангажиран како специјален помошник во Канцеларијата за имиграција при Министерството за домашна безбедност.
По оставката на претходниот директор на Центарот за превенција од екстремизам, Фугејт бил назначен за вршител на должноста.
Министерството го брани назначувањето
Од Министерството за домашна безбедност истакнуваат дека Фугејт се истакнал со својата работа како помошник и дека токму поради неговата посветеност и резултати, му е доверено привременото раководење со Центарот.
„Том Фугејт се покажа како способен и посветен во својата улога во Канцеларијата за имиграција и безбедност на границите. Затоа, времено му е доверено водството на Центарот за програми и партнерства за превенција. Тоа зборува за неговата работна етика и досегашните резултати“, изјавил висок претставник на Министерството за The Daily Beast.






