Русија покрена интензивна потера по Артем Тимофеев (37), поранешен диџеј, и неговата сопруга Екатерина „Каќа“ Тимофеева (34), кои се сомничат дека стојат зад најмасовниот напад на руски воени бази од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година. Според извештајот на руските власти, парот ја организирал операцијата „Пајажина“ – тајна украинска мисија во која биле користени 117 беспилотни летала за напад на пет стратешки воени бази длабоко во руска територија.
Нападот, кој дел од медиумите го нарекоа „рускиот Перл Харбор“, предизвикал штети од преку 7 милијарди долари и оштетил или уништил најмалку 41 стратегиски авион, меѓу кои и нуклеарно-способни бомбардери Ту-95 и Ту-22М3. Според украинските власти, тоа претставува една третина од флотата на вакви бомбардери во руската армија.
Според податоците, Артем и Екатерина воделе наизглед обичен живот во Чељабинск, Русија. Артем бил сопственик на транспортна компанија и поседувал четири камиони, од кои барем еден бил користен како мобилна рампа за лансирање на дроновите. Екатерина, пак, пишувала еротски романи, а на социјалните мрежи отворено изразувала поддршка за Украина.
Иако регистрирале фирма, купиле возила и изнајмиле магацин веднаш до зграда на ФСБ, не наишле на никакви пречки од руските служби. Според руските медиуми, парот исчезнал точно пред нападите – нивниот стан бил празен, а профилите на социјалните мрежи избришани.
Се сомнева дека Тимофееви ја напуштиле Русија пред операцијата, а додека украинските безбедносни служби тврдат дека се на сигурно во Украина, руските медиуми шпекулираат дека се наоѓаат во Казахстан. Русија моментално ги бара со целосна мобилизација на Министерството за внатрешни работи.
Во меѓувреме, се уапсени неколку возачи на камиони кои тврдат дека не знаеле што пренесуваат, а се истражува и улогата на државјанин на Белорусија кој наводно се обидел да го спречи лансирањето на дронови во Иркутската област.






