Европа се соочува со сè покомплексна и поопасна дрога-криза, покажува најновиот извештај на Европската агенција за дроги (EUDA) за 2025 година. Од рекордна достапност на кокаин и лажни лекови до нови смртоносни синтетички дроги – европските здравствени и безбедносни системи се под зголемен притисок. Особена загриженост предизвикува растот на зависности, насилството меѓу банди и сè почестите случаи на фатални предозирања.
Според податоците, во 2023 година околу 7.500 лица починале од предозирање – најчесто од опијати. Но, сликата станува уште подраматична поради појавата на опасни супстанци како што се нитазените – нова класа на синтетички опијати, многу посилни од морфиумот и хероинот. Дури и во мали дози, овие дроги можат да бидат фатални.
„Веќе гледаме случаи каде луѓе купуваат лажни лекови преку интернет, верувајќи дека се безопасни, но во реалноста тие содржат токму вакви смртоносни супстанци“, вели Алексис Гусдел, директор на EUDA.
Истовремено, се забележува зголемување на насилството меѓу нарко-бандите, особено во земји со слаба контрола над трговијата со дрога. Во 2023 година, само во Холандија биле откриени 14 лаборатории за производство на хероин.
Државите-членки на ЕУ, но и земјите во соседството како Турција и Норвешка, се повикуваат на итни заеднички акции: зајакнување на полициските истраги, контрола на онлајн трговијата и инвестирање во здравствени програми за лекување зависници. Зашто, според експертите, постои просечен период од 13 години меѓу првата употреба на кокаин и првото барање помош – што значи дека вистинскиот бран на зависници сè уште не пристигнал.






