Битката за Ослободување на Скопје, претставувала многу сложена операција, бидејќи за да биде успешна од голема важност биле успесите на нивните бригади во битките во другите градови со крајна цел да се поврзат 50та дивизија која била во реонот на Штип со 42та дивизија која била на Сува Гора, за да можат заедно да нападнат во Скопје. 50та дивизија незначително задоцнила (еден ден) на позицијата за нивно спојување, а тоа бил реонот на Велес.
Нивното доцнење се должело на силниот отпор кој го дале Германците во реонот на Штип, каде 5табугарска дивизија воопшто не ни учествувала како било договорено и планирано, туку пасивно ги запоседнале позициите кај Злетовска Река, без да учествуваат во битките за ослободување на Штип и реонот околу градот. Со вакви предуслови, ослободувањето на Скопје останало да се изврши со пешадија и улични борби (без употреба на артилерија) кои зависеле исклучиво од храброста и моралот на македонските војници. Во борбите за Скопје заробени биле голем број Германци како и нивното вооружување (топови од разни калибри, митралези и најразновидна техника).[1]

Набргу по нивното заминување, кај мене дојде еден командант на полк и ми рече дека сакале да одржат парада во Скопје. Во меѓувреме, влегле и некои единици во индустрискиот дел на градот. Ваквото барање и доаѓањето на некои нивни единици во градот, кај мене предизвикаа голем револт и лутина. Веднаш им реков дека нема да можат да одржат никаква парада во Скопје, зашто парада одржува само оној што се борел за Скопје, а тие пушка не пукнале за неговото ослободување. Им наредив веднаш да го напуштат градот. – Генерал Михајло Апостолски
Утрото на 12 ноември отпочнале првите борби во самиот град на неговата јужна страна. Овие напади ги извршила 42та дивизија, додека паралелно со неа од правецот на Кисела Вода со силен напад, влегла Третата македонска ударна бригада, заземајќи стратешки згради и потиснувајќи ги Германците кои се прегрупирале во веќе запоседнати згради во центарот на градот. Истиот ден (12 ноември, македонските броци – биле стигнати до самите згради, крај кејот на Вардар. Делови од Дванаесеттата и Третата македонска ударна бригада, ја блокирале железничката станица и отпочнале борба за самата зграда како и за Кранговата палата (која се наоѓала во нејзина близина). Главницата на Дванаесеттата македонска ударна бригада ги нападнала зградите на Учителската школа и Поштата. Дел од Дванаесеттата бригада се упатил кон денешната населба Ѓорче Петров (тогашно Ханриево).[1]
Во овие улични борби значајна улога одиграла скопската младина која веднаш странично ги нападнала сите утврдени германски позиции и ги водела македонските борци до сите за ним добро познати германски упоришта низ градот. 50та дивизија и осмата бригада со извесно задоцнување претпладне на 12 ноември отпочнале напад на германската одбрана во источниот дел од градот (реонот на Гази Баба и индустриската зона)
Паралелно со нив во текот на 11 и 12 ноември Шеснаесеттата македoнска ударна бригада, ги нападнала албанските балистички групи на Скопска Црна Гора, а во попладневните часови веќе ги напаѓале касарните во кои биле сместени германските војски. Германските сили кои биле стационирани во северниот и северно-источниот дел на градот успеале да се извлечат од градот и да се упатат кон кон Качаничката Клисура. Најсилни упоришта на Германците останале Учителската школа и Поштата кои доцна во ноќта на 13 ноември биле заземени од страна на македонските борци. Во учителската школа биле заробени 86 германски војници.[3] Целата ноќ од 13 кон 14 ноември како и целиот 14 ноември вршени се чистки на целиот терен од преостанати германски единици.[1]
Битката за Скопје, била извршена со голем успех бидејќи биле спасени сите мостови во градот и успеале да ги обезбедат и зградите кои биле веќе минирани. Германските единици успеале да ги срушат железничките мостови во Скопје и Ханриево (денешна населба Ѓорче Петров), едно крило од зградата на Железничката станица, а нешто подоцна од непронајдена мина била оштетена и зградата на Народната банка.[1]







