Украинските вооружени сили објавија видео на кое, како што тврдат, се гледа моментот на уништување на руски мобилен балистички ракетен систем со краток дострел „Искандер“. Нападот, според украинските извори, бил изведен во координација со украинската Служба за безбедност (СБУ) и се случил во близина на рускиот град Клинци, во Брјанската област.
На видеото објавено од украинската страна се гледа силна почетна експлозија, проследена со неколку секундарни детонации. Иако квалитетот на снимката не дозволува со сигурност да се потврди дали навистина станува збор за „Искандер“, украинските власти тврдат дека еден таков систем бил целосно уништен, а уште два други оштетени.
Системот „Искандер“ е едно од најопасните оружја во рускиот арсенал. Русија, според проценките, располага со околу 160 вакви системи во верзија „Искандер-М“. Секој систем носи по два проектила 9М723 со дострел од 400 до 500 километри, кои достигнуваат висина до 50 километри пред да се обрушат врз целта. Според руските тврдења, овие ракети летаат со брзина до Мах 6 и се опремени со боеви глави од 500 до 700 килограми.
Поради нивната висока цена – околу 3 милиони долари по ракета – „Искандерите“ обично се користат за напади врз стратешки важни цели. Украинските власти наведуваат дека многу е тешко да се одбранат вакви напади, и дека ефикасна противмерка се само системите „Патриот“ и евентуално „SAMP-T“.







