Компанијата Nothing официјално објави дека новиот смартфон Phone (3) ќе биде претставен на 1 јули во 19 часот по наше време. Станува збор за првиот вистински флегшип на брендот, со врвни спецификации кои ќе го стават рамо до рамо со најсилните телефони на пазарот.
Но, иако ќе понуди значително помоќен хардвер, Phone (3) ќе остане без препознатливото Glyph LED осветлување на задната страна, кое беше заштитен знак на претходните модели. Наместо тоа, новитетот ќе добие dot-matrix дисплеј, кој, според најавите, ќе понуди уште поголеми можности за персонализација и интеракција.
Очекувано, повисоките перформанси ќе се одразат и на цената. Иако официјални информации сè уште нема, според неофицијални извори, основната верзија со 12 GB RAM и 256 GB меморија ќе чини 800 долари, додека најсилниот модел со 16 GB RAM и 512 GB простор ќе чини околу 900 долари.
Сè уште не е познато дали Nothing на истиот настан ќе ги претстави и своите први over-ear слушалки под името Headphone (1), но според најавите, тие би требало да се најдат во продажба во септември по цена од 300 долари.







