Наместо да го успори кинескиот технолошки напредок, американскиот ембарго воведен во 2019 година ги поттикна амбициите на Пекинг за целосна технолошка независност. Шест години подоцна, стратегијата за ограничување на Кина се враќа како бумеранг – Кина денес е поблиску од кога било до самостојно производство на напредни чипови.
Клучен пресврт се случи во август 2023 година кога Huawei го претстави Mate 60 Pro, смартфон напојуван од Kirin 9000S – чип дизајниран во Кина и произведен од SMIC, без зависност од западни технологии. Иако не е на нивото на 3nm или 5nm процесори од Тајван и Јужна Кореја, овој успех означи историски момент – Кина демонстрираше дека може да создаде напредна компонента под строги санкции.
Слична насока следи и Xiaomi, кој започна со производство на сопствени чипови за камери и енергетско управување. Овие помошни компоненти се клучни за модерните смартфони и претставуваат чекор кон поширока независност од странските добавувачи.
Во обидот да изгради целосен домашен екосистем, Кина инвестира милијарди во развој на алтернативни архитектури како RISC-V, поддржува локална фотолитографија и опрема за пакување чипови, и поттикнува ретро-инженеринг за замена на недостапни западни технологии. Стратегијата е јасна – технолошки суверенитет по секоја цена.
Американските институции со зголемена загриженост ги следат овие случувања. Според интерни анализи, Кина може да постигне целосна самостојност во полупроводничката индустрија во следната деценија – сценарио кое до неодамна се сметаше за малку веројатно.







