Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа објави дека разговарал телефонски со рускиот претседател Владимир Путин, кој му најавил „силен одговор“ на неодамнешните украински напади врз руските воздушни бази.
Трамп соопшти дека разговорот траел околу еден час и 15 минути, а покрај ситуацијата во Украина, разговарале и за иранската нуклеарна програма.
„Разговаравме за нападите на Украина врз руските приземјени авиони, како и за низа други напади што се случуваат од двете страни. Разговорот беше добар, но не и оној што ќе донесе итен мир. Претседателот Путин ми кажа дека ќе има силен одговор“, напиша Трамп.
Тој додаде дека со Путин разговарале и за опасноста од ескалација со Иран.
„Му кажав на претседателот Путин дека Иран не смее да има нуклеарно оружје. Верувам дека се согласивме околу тоа. Тој предложи да учествува во разговори со Иран и можеби да помогне ова прашање да се реши побрзо. Но сметам дека Иран предолго ја одложува својата одлука и дека наскоро ќе ни треба конечен одговор“, наведе Трамп.







