На 1 јуни Украина изведе најголем дрон-напад врз руска територија од почетокот на војната, при што беа погодени четири воени бази, вклучувајќи ја и онаа во Сибир, оддалечена 4800 километри од Киев. Нападот, наречен „Пајажинска мрежа“, користел 117 дронови што наводно биле пренесени преку камиони. Според Киев, оштетени се 41 руски воени авиони, меѓу кои и стратегиски бомбардери способни за носење нуклеарно оружје.
Настанот се случи еден ден пред вториот круг мировни преговори во Истанбул, кои завршија без напредок. Русија засега не одговори, а молкот од Кремљ, според аналитичари, укажува на шок и неизвесност.
Поранешниот директор на одделот за анализа на Русија при ЦИА, Џорџ Биби, изјави дека нападот претставува сериозна ескалација. Според него, иако операцијата нема веднаш да го смени исходот на војната, симболичката тежина на нападот врз руски нуклеарни авиони е огромна. Тој предупредува дека Русија може да го доживее нападот како НАТО-операција, дури и без докази, што ја зголемува опасноста од ескалација.
„Ова може да биде пресвртна точка. Путин може да се соочи со притисок од своите советници да одговори силно, за да не изгледа слабо“, рече Биби, предупредувајќи на можна употреба на напредни ракети врз клучни украински цели.
Според него, расте ризикот од директен судир меѓу САД и Русија, доколку не следи дипломатски одговор од Вашингтон.







