Легендата на хрватскиот фудбал и долгогодишен играч на Реал Мадрид, Лука Модриќ, кариерата ќе ја продолжи во редовите на италијанскиот гигант Милан. Како што објави „La Gazzetta dello Sport“, трансферот е веќе договорен, а клучна улога во неговото остварување одиграл спортскиот директор Игли Таре, кој се сретнал со Модриќ во Ријека и добил потврда од капитенот на Хрватска.
Модриќ ќе потпише договор до летото 2026 година со можност за продолжување на уште една сезона. Неговата плата ќе изнесува околу 3,5 милиони евра годишно. Лекарските прегледи се закажани за следната недела, по завршување на репрезентативните обврски и пред заминувањето на Светското клупско првенство во САД, каде ќе ги одигра последните натпревари за Реал Мадрид.
По завршувањето на клупското првенство и краток одмор, Модриќ ќе се приклучи на подготовките со Милан. Сепак, поради слабите резултати на Милан оваа сезона, тој нема да настапува во европските натпреварувања. Својот официјален деби натпревар за „росонерите“ ќе го има во првото коло од новата сезона во Серија А.






