По серијата спектакуларни напади од Украина на територија на Русија, вклучувајќи и уништување на мостови, удар врз Кримскиот мост и сложената операција „Пајажина“ во која беа погодени руски стратешки бомбардери и радари, рускиот претседател Владимир Путин исчезна од јавноста.
Според угледниот воен аналитичар на Sky News, Мајкл Кларк, ова повлекување од јавноста по инцидентите не е случајно. „Ако веднаш се појави на телевизија, изгледа како да ја презема вината“, вели тој, додавајќи дека Путин ја префрла одговорноста на пониски инстанци.
Иако дел од руската јавност бара нуклеарен одговор на украинските напади, Кларк смета дека тоа е малку веројатно: „Русија не покажала никакви физички подготовки за употреба на тактичко нуклеарно оружје“. Тој предупредува дека употребата на такво оружје не би ѝ донела вистинска предност на Русија, но би довела до загуба на сите нејзини стратешки сојузници, вклучително и Индија и Кина.
Сепак, аналитичарот укажува на друга, потенцијално застрашувачка можност – употреба на хемиско или биолошко оружје. Тој посочува дека Москва веќе има историја со употреба на нервни гасови и токсини, и не ја исклучува опцијата за „спектакуларен биолошки напад врз цивилно население“.
Кларк дополнително оценува дека можно е Русија да одговори со неколкудневни интензивни воздушни напади, но нагласува дека ризикот од преминување на други „црвени линии“ е сè поголем.






