САД воведуваат нови царини од 50 отсто на увозот на челик и алуминиум
Со потписот на претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска стапија на сила зголемените царини на челик и алуминиум, кои сега изнесуваат 50 отсто.
Одлуката е донесена со указ објавен вчера, а мерката започна да важи по полноќ по локално време (06:00 часот по средноевропско време). Трамп ја образложи одлуката со потребата да се заштити националната безбедност од прекумерен увоз на стратешки материјали.
Ова е второ зголемување на царините за овие метали од март годинава, откако првично беше воведена царина од 25 отсто. Челикот и алуминиумот, како клучни суровини во индустриите за автомобилска продукција, градежништво и прехрана, се првиот сектор директно погоден од трговската политика на Трамп во неговиот втор претседателски мандат.
„Целта е да се осигура иднината на американската челична индустрија и да се поттикнат инвестиции во домашното производство“, изјави Трамп при потпишувањето на указот.
Сепак, мерката наиде на силни критики. Аналитичарите и производителите надвор од САД предупредуваат дека ваквиот потег претставува форма на протекционизам кој може да доведе до трговски одмазди, нарушување на пазарите и зголемени трошоци за американските компании што зависат од увозот на метали.
Многу фирми, директно засегнати од новите царини, до последен момент се надеваа дека најавите се само привремена мерка или преговарачка тактика.
Британија, пак, доби делумно изземање од новите давачки, па ќе продолжи да плаќа царини од 25 отсто. Трамп го оправда овој потег со тековните трговски преговори меѓу двете земји.
САД се меѓу најголемите увозници на челик во светот по Европската унија, при што најмногу метал увезуваат од Канада, Бразил, Мексико и Јужна Кореја.
Новите царини се воведуваат во чувствителен момент, кога претставникот на Белата куќа за трговија, Џејмисон Грир, треба да се сретне со европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, на маргините на состанокот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз.
Трамп во меѓувреме ја обвини Европската унија дека не преговара „во добра волја“ и ѝ се закани со дополнителни царини од 50 отсто.
Ситуацијата е дополнително напната поради приближувањето на 9 јули – датумот кога истекува 90-дневниот период на пауза за таканаречените „реципрочни царини“, што Трамп ги најави порано годинава.
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, вчера потврди дека американската администрација испратила известување до трговските партнери со потсетување дека „рокот се ближи“.
Паралелно со тоа, денеска во седиштето на ОЕЦД во Париз се одржува и состанок на трговските претставници од Г7-групата (САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Јапонија), како подготовка за самитот на лидерите на Г7 што ќе се одржи од 15 до 17 јуни во Канада.







