Во организација на основното училиште „Даме Груев“ и со поддршка од општина Битола, синоќа во Кристалната сала на Офицерскиот дом се одржа голем собир за поддршка на македонските претставници на детската Евровизија, Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски.

Со знамиња, транспаренти и навивачки реквизити, бројни битолчани, вклучувајќи го и градоначалникот Тони Коњановски, професорите и учениците од училиштето „Даме Груев“, каде што учат Ана и Алексеј, со ентузијазам го проследија нивниот настап. Македонските претставници настапија со песната „Маратон“, која плени со својот уникатен сценски перформанс и музичка изведба.

„Ова е посебен момент за Битола. За прв пат на детската Евровизија имаме претставници од нашиот град, кои со својот талент и посветеност покажаа како се претставува Македонија на европската сцена. Горд сум на Ана и Алексеј и им посакувам што поголем успех,“ изјави градоначалникот Коњановски, кој пред заминувањето во Мадрид ги прими младите музичари во својот кабинет за да им даде поддршка и мотивација.
Настапот на Ана и Алексеј беше следен со громогласен аплауз и овации од присутните во Офицерскиот дом, кои преку директниот пренос ја споделија нивната енергија и гордост. Настанот претставуваше вистински празник на музиката и младешката креативност, а Битола уште еднаш покажа дека стои зад своите талентирани млади.







