Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк упати предупредување до Русија, истакнувајќи дека НАТО ќе ги соборува сите авиони и ракети што ќе го нарушат воздушниот простор на Алијансата.
„Ако ракета или авион без дозвола, намерно или случајно, навлезе во нашиот воздушен простор и биде соборен, а остатоците паднат на територија на НАТО, ве молам, не доаѓајте тука да се жалите. Уште еднаш сте предупредени,“ рече Сикорски пред Советот за безбедност на ОН.
Тој додаде дека Русија во минатото „имала карт-бланш“ од страна на Западот, но наместо извинување, Москва само лажела. Според Сикорски, повредата на воздушниот простор е дел од „хибридната војна“ што Русија ја води веќе години, која вклучува сајбер-напади, подметнување пожари, ликвидации, испраќање запаливи направи и напади врз украински амбасади.
Министерот подвлече дека Москва мора да добие јасен сигнал дека таквите провокации нема да бидат толерирани, повикувајќи го директно рускиот режим да ја почитува меѓународната законодавна рамка.






