Украинскиот напад со дронови длабоко во внатрешноста на Русија не беше само тактички потег туку и јасна демонстрација на новиот ас во ракавот на Киев — масовното производство и усовршено користење на беспилотни летала. Нападот, што се случи додека траат преговорите во Истанбул, има и психолошки ефект: внесување несигурност и параноја во Москва за тоа кога и каде ќе удрат следните „невидливи“ напаѓачи.
Украина сега произведува до 200.000 дронови месечно, од кои најголемиот дел се FPV „камиказа“ дронови — мали, брзи и смртоносни. Со цена од само 400 долари, еден дрон може да уништи тенк вреден милиони. Тие се користат и ноќе, опремени со термални камери, а некои модели добиваат и поддршка од вештачка интелигенција.
Освен FPV дроновите, Киев располага и со долгодометни дронови со радиус до 1.500 км, морски беспилотни глисери, како и извидувачки летала кои ги заменуваат некогаш потребните човечки мисии. Дури и „пси роботи“ се користат на терен за детекција на мини и војници.
И покрај технолошкиот напредок, Украина и натаму се соочува со недостиг на софистицирана противвоздушна одбрана. Затоа, сѐ почесто произведува дронови-пресретнувачи, кои со прецизност ги удираат руските беспилотни летала.
Претседателот Зеленски повика на глобална инвестиција од 30 милијарди долари до крајот на 2025 година во домашната одбранбена индустрија, со акцент на беспилотните системи — оружјето на иднината, што веќе ја менува сегашноста.






