Русија најверојатно се подготвува да започне нова офанзива во следните недели за да ја зајакне својата позиција во можните мировни преговори со Украина, објави Асошиејтед прес (АП), повикувајќи се на украински аналитичари и двајца неименувани дипломатски извори од Г7.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди дека Москва планира да ги нападне регионите Суми и Харков оваа пролет.
Заземањето на повеќе украинска територија најверојатно ќе го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да бара уште построги услови во потенцијалниот мировен договор за кој САД се обидуваат да посредуваат.
Москва го отфрли целосниот 30-дневен прекин на огнот што го договорија САД и Украина во Џеда на 11 март и се согласи само на делумен прекин на огнот во нападите врз енергетските постројки и во Црното Море.
Киев веќе ја обвини Русија за кршење на енергетскиот прекин на огнот, додека иднината на примирјето во Црното Море е доведена во прашање бидејќи Москва го поврза со укинувањето на некои западни санкции.
„Можам да потврдам дека Путин се обидува да купи време и се подготвува за пролетната офанзива. Гледаме подготовки за оваа претстојна операција“, рече Зеленски. Киев вели дека Кремљ ги запира мировните преговори за да купи време за неговите војници да заземат повеќе територија.
Регионите Суми и Харков, лоцирани во североисточна Украина и граничат со Русија.







