Американскиот новинар и уредник на истражувачкиот проект The Insider, Мајкл Вајс, објави на платформата Х дека лично ја видел снимката од спектакуларната украинска операција „Паучина“, во која биле погодени два руски авиони Бериев А-50 – тешко заменливи радари во воздухот, вредни по 500 милиони долари.
Според него, Русија располагала со само шест вакви стратешки авиони, а сега, по оваа операција, останале само четири. „Ги видов украинските FPV-дронови како ги гаѓаат двата A-50. Не можам да ја објавам снимката сè уште, но таа ја потврдува тврдeњата на СБУ дека се уништени два авиони од советската ера за рано предупредување и контрола“, напиша Вајс.
Ова не е прв пат Украина да тврди дека уништила A-50 – уште минатата година Киев тврдеше дека соборил еден, а подоцна уште еден. Руски воени блогери тогаш го признаа губитокот, но алудираа дека се работело за „пријателска“ ватра.
Со уништувањето на вакви скапи и ретки воздухоплови, Украина не само што нанесува сериозна материјална штета, туку и го разнишува системот на командување и надзор на руската војска – токму тоа што A-50 го прави „мозокот“ на небото.






