Францускиот луксузен бренд Cartier, во сопственост на швајцарската групација Richemont, потврди дека неговата веб-страница била цел на сајбер напад, при што неовластено лице добило привремен пристап до дел од системите и украло ограничени податоци од клиентите.
Во соопштението на компанијата се наведува дека нападот резултирал со кражба на имиња, е-адреси и земји на живеење на одредени корисници, но дека не биле компромитирани лозинки, податоци од кредитни картички или други банкарски информации.
„Проблемот е веќе решен, а заштитата на нашите системи е дополнително зајакната,“ соопштија од Cartier, додавајќи дека инцидентот е пријавен до надлежните институции и дека компанијата соработува со водечки експерти за сајбер безбедност.
Овој инцидент е само еден од низата слични напади што во последно време ги погодија големи трговски брендови, меѓу кои и Marks & Spencer и Victoria’s Secret, јавува агенцијата „Ројтерс“.
Јулиус Чернијаускас, извршен директор на Oxylabs, компанија за proxy и online собирање податоци, изјави дека нападот врз Cartier е уште еден доказ дека „ниеден бренд, без разлика на големината и угледот, не е имун на сајбер закани“.
Од компанијата не дадоа дополнителни коментари по барањето на Ројтерс.







