Македонија е подготвена да премине кон нов енергетски модел кој ќе биде праведен, транспарентен и социјално одговорен, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на денешниот настан за промоција на извештајот на Центарот за развој на ОЕЦД „Цени на енергија и субвенции во Западен Балкан: Реформи за фер и зелена иднина“.
Извештајот, изработен со поддршка на меѓународни партнери, ги презентира фискалните трошоци за субвенционирањето на енергијата, со посебен осврт на периодот на енергетската криза од 2021 до 2022 година. Според анализата, Македонија од 2018 до 2023 година инвестира значајни средства во поддршка на енергетскиот сектор, главно за ублажување на ценовните шокови и заштита на животниот стандард на граѓаните во време на глобални кризи.
Сепак, извештајот укажува дека сегашниот модел на униформни субвенции понекогаш носи поголема корист за домаќинствата со повисока потрошувачка, наместо да ги таргетира најранливите категории.
„Со новиот Закон за енергетика направивме клучен исчекор – преминуваме од универзална поддршка кон таргетирана социјална заштита, базирана на реалните услови на домаќинството, а не само на потрошувачката,“ истакна Божиновска. Таа најави и дека во соработка со Министерството за социјална политика ќе се воспостави методологија за мерење на енергетската сиромаштија.
Министерката ја потенцираше и примената на системот на блок-тарифи од јули 2022 година, но посочи на неговите ограничувања, особено за семејствата со повеќе членови или лица со хронични заболувања, кои, и покрај нивниот социјален статус, се изложени на повисоки цени поради зголемената потрошувачка.







