Научници од Универзитетот Кембриџ, користејќи ги податоците од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА, открија нови иако сè уште неизвесни докази кои би можеле да укажат на постоење на живот на егзопланетата К2-18б — свет оддалечен 120 светлосни години од Земјата.
Во атмосферата на оваа планета се откриени траги од молекули кои, на Земјата, ги произведуваат исклучиво едноставни микроорганизми. Овие наоди, објавени во научното списание Astrophysical Journal Letters, претставуваат досега најперспективен показател за постоење на биолошки процеси надвор од Сончевиот систем.
К2-18б е околу 8,6 пати помасивна од Земјата и 2,6 пати поголема по дијаметар, и се смета дека е т.н. „Хисеева егзопланета“ — тип на планета што има атмосфера богата со водород и можно е да има површина покриена со океани. Претходните истражувања веќе укажаа на присуство на метан и јаглерод диоксид — јаглеродни соединенија кои се сметаат за градбени блокови на животот.
Иако откритијата се возбудливи, научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни податоци и набљудувања за да се потврди постоењето на живот. Професорката Сара Сигер од МИТ повика на претпазливост, потсетувајќи на случајот кога претходните докази за водена пареа на истата планета се покажаа како резултат на присуство на друг гас.
Сепак, новите сознанија дополнително го зголемуваат интересот за К2-18б како потенцијален дом на вонземски микробен живот.






