Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, ги отфрли критиките на опозицијата околу изборот на Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка, нарекувајќи ги „неиздржани и неосновани“. Според неа, Славески е признат професор со меѓународен углед, кој никогаш не бил вмешан во афери, корупција или криминал и не може да се поврзе со партиска реторика.
„Не се во право во однос на професорот Трајко Славески од многу причини. Се работи за личност со докажана стручност, интегритет и знаење“, рече Сиљановска Давкова, нагласувајќи дека и покрај тоа што Славески бил активен во политиката, законот не го ограничува изборот на лице кое во минатото било на партиска функција, сè додека тоа не важи за времетраењето на мандатот.
Претседателката додаде дека пред да ја донесе одлуката, водела долги консултации со досегашната гувернерка, со другите кандидати и со експерти. Таа исто така ја истакна својата единствена забелешка – долгиот мандат од седум години, кој според неа е предолг, особено кога станува збор за можноста за два последователни мандати, односно вкупно 14 години.
„Ни треба континуитет во знаењето, но и реална проценка на должината на мандатите. Венецијанската комисија сугерира дека долгиот мандат треба да биде еден“, посочи Сиљановска Давкова.
Таа се осврна и на ставовите на дел од академската заедница, обвинувајќи некои од критичарите дека се водени од партиски мотиви или од лична суета. Притоа, ја повика јавноста на одговорност и зрелост во политичкиот дијалог, оценувајќи дека решенијата за клучните прашања треба да се бараат во консензус.
„Се обидувам да водам политика на дијалог, и со власта и со опозицијата. Решенијата треба да ги бараме дома, не надвор“, истакна шефицата на државата.
Таа потсети и дека Македонија во минатото имала гувернер со партиско потекло, како Петар Гошев, кој успешно ја извршувал функцијата.







