Повеќе од 100 затвореници успеале да избегаат од затвор во пакистанскиот град Карачи, откако биле привремено евакуирани од своите ќелии поради лесен земјотрес. Во текот на бегството дошло до престрелка, при што загинал еден затвореник, а три припадници на безбедносните сили се повредени, соопштија официјални лица.
Високиот полициски функционер Кашиф Абаси изјави дека вкупно 216 затвореници избегале од затворот во главниот град на провинцијата Синд пред зори. Според најновите податоци, досега се повторно фатени 78 бегалци.
„Ниту еден од затворениците кои избегаа не е осуден или обвинет за поврзаност со вооружени групи“, додаде Абаси.
Инцидентот се случил кога затворениците биле изведени од ќелиите поради безбедносни причини, откако Карачи беше погоден од серија благи земјотреси со јачина меѓу 2,6 и 3,4 степени според Рихтеровата скала, според податоците на Националниот центар за сеизмичко набљудување.
Министерот за внатрешни работи на провинцијата Синд, Зиаул Хасан, изјави дека во моментот кога затворениците се наоѓале надвор од ќелиите, една група ги нападнала стражарите, им го одзела оружјето и отворила оган, по што успеала да избега.
Управникот на затворот Малир, Аршад Шах, соопшти дека затворениците побегнале кон блиското населено место. Жителите на областа велат дека полицијата користела звучници од џамиите за да ги извести граѓаните за бегството и да побара помош во фаќањето на бегалците.
Бегствата од затвор се ретки во Пакистан, особено по зајакнувањето на затворската безбедност по големиот напад во 2013 година, кога талибанските милитанти ослободија повеќе од 200 затвореници од затворот во округот Дера Исмаил Кан, на северозападот од земјата.
Властите во моментов спроведуваат опсежни рации за лоцирање и апсење на преостанатите бегалци. Ситуацијата, според полицијата, е ставена под контрола.






