Белата куќа објави нов официјален портрет на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се одликува со потемно осветлување и поинтензивна сенка во споредба со фотографијата што беше објавена во пресрет на неговата инаугурација во јануари.
На најновата фотографија, Трамп е облечен во темно сако и носи препознатлива црвена вратоврска, додека неговото лице е нагласено со длабоко сенчење, пренесува CBS News. За разлика од претходниот портрет, каде што беше прикажан со широка насмевка и сина вратоврска пред американското знаме, во новата верзија заднината е црна, што му дава посериозен и драматичен тон.
Двете фотографии се дело на главниот фотограф на Белата куќа, Даниел Торон.
Покрај објавата на фотографијата, Белата куќа сподели и кратко видео од поставувањето на новиот портрет во зградата на Извршната канцеларија Ајзенхауер. Според изјава на претставник на администрацијата за CBS, новиот портрет наскоро ќе ги замени постоечките официјални фотографии на Трамп кои се изложени низ федералните згради и канцеларии.
Ажурираната верзија веќе е поставена и на официјалната веб-страница на Белата куќа. Оригиналниот портрет од првиот мандат на Трамп го прикажуваше во многу поформално и светло издание, симболично поставен пред американското знаме.







